Скопје е главниот и најголемиот град во Република Македонија. Тој е административен, политички и културен центар на Република Македонија со 506,926 жители. Скопје се простира на двата брега на горното течение на реката Вардар.
Скопје игра есенцијална улога во културниот и академскиот живот во Република Македонија. Тука е домот на неколку академски институции: Македонската академија на науките и уметностите, Универзитетот Св. Кирил и Методиј,Националната и Универзитетска библиотека; дом на неколку културни институции: Македонскиот народен театар, Македонската опера и балет, Драмскиот театар, Македонската филхармонија, Македонската радио и телевизија и Нова македонија, најголемата компанија за издавање весници, Универзалната сала. Тука исто така се сместени Архивот на Република Македонија, музеите (археолошкиот, етнолошкиот и историскиот), Природно-научниот музеј, Музејот на современа уметност, неколку уметнички галерии и други важни културни и научни институции.
Индустриите во Скопје вклучуваат фабрики за железо и челик, електрична машинерија, хемикалии, текстил, прехрамбени производи. Скопје е главен центар за трговија со памук, тутун, житарки и добиток произведени во околниот регион.
Покрај автопатот Белград – Атина и железничките рути, во Скопје се наоѓа и најголемиот аеродром во Македонија. Аеродромот Александар Велики се наоѓа во Петровец, на само 17 km од Скопје. До Скопје може да се стигне со кола или автобус.
Првиот воз кој пристигнал во Скопје бил од Солун во далечната 1873 год. Оваа железничка линија, Солун – Гевгелија – Велес – Скопје, е дел од коридорот Белград – Атина и е првата железничка линија во Македонија.
Исто така многу културни настани се случуваат во Скопје: Скопскиот џез фестивал, Златна Бубамара, Таксират, Скопје гори и многу други. Во Скопје се наоѓаат и Владата и министерствата и Собранието на Република Македонија.
Од 2000 год. граѓаните од секој дел од Скопје може да го видат Милениумскиот Крст, кој симболизира 2000 години Христијанство. Крстот е изграден на врвот на планината Водно, на југот на Скопје, на надморска висина од 1066 метри, со димензии од 66 и 20 метри. Претставува уникатна градба. Во неговата околина треба да биде изграден и манастирски комплекс и ресторан со поглед на Скопје.
Атракции во Скопје
Тврдината Кале: Оваа тврдина има доминантно место во Скопје. Изградена е од камените блокови од руините на Скупи за време на владеењето на Византискиот император Јустинијан Први. Ѕидините на Скопско Кале се 121 метар долги и денеска се сочувани една квадратна, една правоаголна и една округла кула. Тврдината потекнува од 6-от век, а има изглед типичен за Отоманскиот период. Овој комплекс бил стационар за Турската армија од 1392 год. се до 1913 год. кога Скопје потпаднало под Српска власт. Од 1913 до 1953 год. тука била сместена Југословенската армија.Денеска во рамки на тврдината има парк кој служи за рекреација и забава, а во вечерните часови покрај звуците на Македонската народна музика, посетителите може да уживаат во прекрасната глетка на Скопје и реката Вардар.
Камениот мост: Според некои информации се смета дека Камениот мост бил изграден во 6-от век, а во сегашна форма е направен за време на Султанот Мурат Втори во првата половина на 15-от век. Изграден е од добро обработени камени блокови и има 12 полукружни лакови. Оваа монументална градба била изложена на големи поправки низ годините, но до ден денес е сочувана неговата почетна форма.
Старата Скопска чаршија: На левата страна на реката Вардар, во стариот дел на Скопје се наоѓа старата Скопска чаршија. До денес, чаршијата има претрпено неколку промени на изгледот и организацијата, но сеуште е сочуван духот на минатото. Во малите занаетчиски дуќани, може да се видат вештините на занаетчиите на Скопје, како што се кројачите, чевларите, ткајачите, лимарите итн. Стариот пазар е исполнет со живописна атмосфера која извира од малите продавници, кафичи и чајџилници кои се секогаш полни со туристи кои се воодушевени од изгледот и животот во овој дел на Скопје. Денес, многу од производите се прават во фабрики, па така само неколку занаетчии ги задржаа своите работи. Најголем дел од продавниците се за облека, чевли, накит, ресторани, кафе-барови и чајџилници. Старата Скопска чаршија како поголем комплекс содржи неколку културно – историски споменици. Голем дел од нив се реставрирани како: црквата Св. Спас, џамијата Мустафа Паша, Чифте Амам, Даут пашин Амам, Капан Ан, Сули Ан, Куршумли Ан. Ова е еден од најстарите делови на Скопје. Секој агол овде раскажува сопствена историја.
Света Богородица: Оваа црква била изградена во 1835 год. и била главна црква во Скопје. Иконостасот бил завршен во 1842 год. На 7ми Април, 1944 год. црквата била запалена од Бугарските фашисти. Иконостасот бил комплетно изгорен, а вредните предмети биле украдени и однесени во Бугарија. Црквата се наоѓа на бул. Крсте Петков Мисирков, спроти Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Денеска црквата е реконструирана.
Даут Пашин Амам: Ова е најистакнатиот споменик на Исламската архитектура. Турската бања била изградена од големиот везир на Румелија, Даут Паша во 15от век. Во прво време бил користен за потребите на неговиот харем, а подоцна служи како јавна бања. Денеска, Турската бања е претворена во галерија со широк избор на Македонски икони од периодот од 14 до 19 век, дела од македонски уметници – слики, скулптури, графики и цртежи, а во последно време во просториите на Турската бања се одржуваат и концерти, промоции на книги, театарски перформанси со оркестар итн.
Црквата Св. Спас: Била изградена во почетокот на 17-от или 18-от век, на темелите на друга постара црква. Дел од фреските на јужната страна се од постарата црква од 16 век. Како контраст на надворешниот скромен изглед на црквата е внатрешноста, која плени со нејзината убавина и восхитувачкиот иконостас на источната страна. Иконостасот од 19 век кој е изгравиран во орев, претставува комбинација од растителни и животински мотиви со фигури на светци во локални костуми. Оваа реалистична резба е дело на вешти резбари од Дебарскиот регион, кои ги изрезбале и нивните фигури на аголот на иконостасот. Иконостасот е 6 метри висок и 10 метри долг. На овој простор, резбарите успеале да прикажат бројни сцени од Библијата, важни геометриски орнаменти и фигури од флората и фауната. Иконостасот во оваа црква е еден од најфините примери на традицонално резбање кое може да се сретне на територијата на Република Македонија, заедно со иконостасот во манастирот Св. Јован Бигорски. Гоце Делчев, добро познатиот македонски револуционер, е закопан во дворот на оваа црква.
Манастирот Св. Пантелејмон: Оваа позната црква е лоцирана во близина на селото Горно Нерези на планината Водно, од каде Скопје се гледа како на дланка. Оваа црква датира од 12 век, од 1164 год. (Византискиот период). Ентериерот на црквата е декориран со фрески со инзвонредна уметничка вредност.
Куршумли Ан: Изворно, Куршумли Ан се споменува како меморијал на Мула Муследин Хоџа. Куршумли Ан е импресивен со неговите монументални декоративно изградени ѕидови и бројните куполи во фрома на пирамиди. Денеска, комплексот на Македонскиот музеј е лоциран во рамки на Турската бања. Дворот на Куршумли Ан за време на летниот период се користи за организирање на културни манифестации: драмски изведби, концерти, поетски читања...
Џамијата Мустафа Паша: Во близина на Куршумли Ан, во стариот дел на Скопје, вој споменик на Исламската култура го привлекува вниманието со неговата големина и убавина. Џамијата била изградена во 1519 год. од Мустафа Паша, везир на Султанот Селим Први. Особено привлечен дел од оваа градба претставува високот минаре, направено од делкан камен, а широкит дел е декориран со орнаменти.

Воден канал: На 2 километри северо-западно од СКопје се наоѓа водениот канал, кој бил изграден од камен и тули со 55 лакови направени од масивни столбови. За изградбата на овој канал во науката има поделени мислења. Според некои научници ова бил Римски канал, а според други е Византиска градба. Последните истражувања градењето го поврзуваат со Иса бег, што значи дека бил изграден за време на Турска власт, а попрецизно во 16-от век. Во бивша Југославија имало само 3 вакви канали, еден во Македонија и два во Црна Гора.